четврток, 20 јануари 2011 г.

Лига на шампиони како маркетинг производ


Во 1992 година Европскиот Куп (European Cup) е трансформиран во UEFA Лига на шампиони (UEFA Champions League), околу која нова маркетинг стратегија и бренд биле развиени и имплементирани од страна на UEFA (Union of European Football Associations), во партнерство со TEAM Marketing. Како движечка сила за оваа трансформација се наведува желбата на клубовите и медиумите за поголем број на загарантирани натпревари, како средство за искористување на новите приходи.

Комерцијалниот растеж на фудбалот, инициран и контролиран од владеачките тела на фудбалот е подржуван од мал број на менаџерски компании од кои повеќето се од ISL (International Sport and Leisure) и се долгорочни партнери на двете светски фудбалски тела FIFA и UEFA. При трансформирањето на Европското клупско натпреварување, UEFA формирала една многу успешна алијанса со двата поранешни лидери од ISL. Препознавајќи ги можностите за успех, Klaus Hempel и Jürgen Lenz ја формирале маркетинг агенцијата ТЕАМ- Television Event and Media Marketing во Луцерн, Швајцарија, како возило преку кое ќе се движи трансформирањето на Европскиот Куп во Лигата на шампионите. Развојот на  Лигата на шампионите бил воден не толку од желбите на големите клубови, колку што бил воден од потребите на телевизиските компании. По инструкции од UEFA, ТЕАМ создал нов концепт за креирање на "брендирано" клупско натпреварување, создавајќи го познатиот "златен триаголник" составен од фудбал, спонзори и емитувачи со UEFA и ТЕАМ во средината со цел да ги хармонизираат интересите и да се осигураат дека концептот е корисен за сите компоненти. ТЕАМ ги искористил комерцијалните можности на глобалниот пазар и со UEFA креирал интегрирана спортска и комерцијална платформа за Европските елитни клубови.

Лигата на шампионите како спортски производ самата по себе претставува основен фактор за нејзината успешна трансформација во глобален бренд. Таа се состои од низа меѓусебно поврзани клучни елементи, кои заедно треба да создадат натпреварување со високо ниво на интерес. Тие елементи се: форматот на натпреварувањето, клубовите, фановите, играчите, историјата и наследството и фудбал.

Невозможно е да се оцени важноста на различните елементи на спортскиот производ поединечно, бидејќи тие се соединети и работат заедно со цел да формираат една ефективна целина. Суштина на успехот на Лигата на шампионите е секако зголемената популарност на фудбалот во светски рамки. Европа претставува фудбалски економски центар, и како таков ги привлекува најдобрите играчи од целиот свет. Овие играчи се вработени од стана на најелитните клубови, кои пак за возврат уживаат голема верност од страна на своите навивачи. Клубовите претставуваат брендови кои делуваат внатре во Лигата на шампионите како бренд. Лигата на шампионите е наследник на Европскиот куп, прв пат одигран во 1955 година и претставува натпреварување кое се организира со цел да се добие најуспешниот фудбалски клуб во Европа.

Историјата и наследството на натпреварувањето ја претставуваат сржта на UCL брендот. Како што социологот Anthony King тврди: "Традицијата е многу важна за остварливоста на Лигата на шампионите. Спортските натпревари имаат значење таму каде што постои историска поврзаност, која фановите и играчите можат да ја препознаат."
Лигата на шампионите е предмет на кондрадикторните барања за соединување на потребата за модернизација додека постојано го поврзува натпреварувањето со минатите настани. Ова е особено важно при менувањето на форматот на натпреварувањето, кое исто така помогнало да се олесни креирањето на глобалниот бренд. Како две клучни работи при развојот се наведуваат: воведувањето на фаза по групи во сезоната 1992-93, која овозможила да се зголеми бројот на загарантирани натпревари за клубовите и отварање на натпреварувањето за повеќе од еден клуб од секоја земја во сезоната 1997-98. Овие разлики одбележале радикално отстапување од нокаут форматот на натпреварувањето, замислен исклучиво за националните шампиони. Со направените промени се овозможил влез за поголем број на учесници и поголем број на натпревари помеѓу европските елитни  клубови, создавајќи дополнителен интерес кај големите фудбалски нации и создавајќи основа за стратегиски комерцијален развој на Лигата на шампионите. Уште еден фактор за успех е тоа што натпреварувањето продолжува да се организира околу важните спортски и организациски принципи.

Контролата на спортскиот формат од стана на UEFA, и овозможува на организацијата да ги доведе во рамнотежа комерцијалните услови на натпреварувањето со важните спортски принципи. Ова вклучува дозволен пристап до турнирот и награди за сите 53 национални членки на UEFA, а исто така создава поттик за развој на помалку развиените Европски нации и помага во создавањето интерес за натпреварувањето во пошироки географски рамки. Освен тоа, влезот во натпреварувањето се базира на заслуга, и ниеден клуб нема загарантиран влез. Форматот е управуван како од спортски, така и од комерцијални императиви.  Целосната контрола на UEFA и логистичката и комерцијалната експертиза на TEAM се соединиле со цел да формираат ефективно работно партнерство. Форматот на натпреварувањето комбиниран со другите клучни елементи (влез за сите 53 членки на UEFA, фаза по групи и нокаут фаза, влез за повеќе од еден тим од едно национално првенство) се основните фактори за успехот на Лигата на шампионите. Без нив не би постоело натпеварувањето на пазарот и брендот.

Во наредните излагања подетално ќе ја обработиме „Лигата на шампиони“ како маркетинг производ.

EMBRA Corporation како дел од своите услуги нуди обуки и советувањa за спортисти, менаџери, маркетинг и психолошки советувања и многу други услуги кои ќе ја направат Вашата кариера успешна. Подетални информации можете да најдете ТУКА
  

Димитриевска Весна
EMBRA Corporation



Нема коментари:

Објави коментар