
Интересирањето за проучувањето на организациите, настанало пред се од потребата да се проучат меѓучовечките односи во рамките на една организирана целина. Организацијата ја сочинуваат луѓе и нејзината активност не може да се одвива без нив. Структурата, развојот, ефикасноста, функционалноста на една организација се дирекно поврзани со способностите, мотивите, ставовите, вредностите како и меѓусебните односи помеѓу вработените. Сознанијата дека активностите на членовите на малите групи се одвиваат перманентно во рамка на еден поширок социјален систем кој ја надминува рамката на малата група, се уште една причина да се изучува организацијата од аспект на менаџментот, организациската психологија, организациското однесување итн. Организациите се отворени системи кои со себе ги носат карактеристиките на целокупната општествена клима.
Организирањето на човековата активност е најважна колективна акција за одржувањето на луѓето и фунционирањето на општеството. Светот во кој живееме е свет на организација. Таа има огромна улога во човековиот живот, делува во сите облици на човековото живеење има моќ над човекот, ја ограничува неговата слобода, му наметнува многу форми на однесување и односи, го насочува развојот на неговата личност барајќи конформирање и потчинување. Односот личност-организација повлекува со себе многу прашања од кои би го потенцирале следното:
Дали контролата на човековото однесување, надворешното детерминирање, авторитетот и моќта го мотивираат човекот за работа, и го прават работниот живот поквалитетен или пак човекот е спонтан, креативен, ефикасен кога неговата индивидуалност доаѓа до израз, а квалитетот на работното живеење зависи исклучиво од личните карактеристики?
Организираниот живот задолжително влијае врз поединецот. Колку е тој поразвиен, поструктуриран и поформален, толку повеќе ја ограничува спонтаноста, креативноста, слободата на избор и одлучување, влијае врз работните односи, условите на работа, продуктивноста на трудот, мотивацијата за работа, задоволството од работата итн. Формалната организација бара од поединецот да биде зависен, пасивен, подреден, контролиран, без перспектива, да ги користи своите способности изолирано и површно и во околности кои водат кон психолошки неуспех.
Зрелата личност се спротивставува на ваквите барања. Таа тежнее кон актуелизирање на себеси како целосна личност, тежнее кон развој, кон креативност и спонтаност, психолошки успех кој се постигнува само тогаш кога целите потекнуваат од внатрешните потреби.
Со еден збор, колку вработените се позрели, структурата поцврста, работата помеханизирана, раководењето подирективно, толку несогласувањето на полето организација- личност е поголемо, квалитетот на работниот живот опаѓа, а луѓето се немотивирани и незадоволни од работата.
КАКО ДА СЕ ЗГОЛЕМИ КВАЛИТЕТОТ НА РАБОТНИОТ ЖИВОТ
Резултат од квалитетно работно живеење е поголемата продуктивност на организацијата од една страна и задоволството од работата од друга страна. Задоволството од работата е афективен одговор кој е резултат на работното искуство, љубов спрема она што се работи, генерализиран став за работата, накратко општиот однос на поединецот кон работата. Квалитетот на работниот живот пак е збир од повеќе задоволства кои потекнуваат од поединечни, определени одлики и особини на работата, како и од условите во кои се работи работата. Тој е една широка димензија која се провлекува низ сите сегменти од кои е сочинета една целина каква што е организацијата. Задоволството од работа најмногу е поврзано со мотивот заради кој се работи. Во основа на мотивите пак, лежат основните човекови потреби кои цело време се стремат да бидат задоволени.
Поединците се мотивирани да ја задоволат онаа потреба која во моментот е најсилна и најизразена. Јачината на потребата зависи од моменталната ситуација во која се наоѓа поединецот. Секој поединец најпрво треба да ги задоволи физичките потреби, кои се најосновни, за потоа да почне да размислува за задоволување на потребите на повисоко ниво. На вработените, пред се, им е потребна сигурност и заштита на работното место, слобода без присила и јасно дефинирани прописи. На крај менаџерите можат да понудат стимулации кои обезбедуваат чувство на почит и припаѓање и можност за развој. Самоактуелизацијата е тенденција на човекот да ги оствари своите потенцијали, да ги развие своите способности, што самото по себе делува како награда и доведува до интринзично (внатрешно) задоволство.
За да го зголемат квалитетот на работниот живот, менаџерите треба да го подигнат нивото на потребата за докажување на вработените преку давање на извесен степен на независност, поголема одговорност и автономија, креативни и предизвикувачки задачи како и пофалби и награди за добро однесување. Стратегијата на раководењето треба да обезбеди демократско-партиципативна клима, да не ја зема во предвид само работата туку и потребите на луѓето и да ги третира како општествени суштества и суштества кои тежнеат кон самоактуелизација. Ако се задоволат потребите на луѓето тие ќе се ангажираат многу повеќе во реализирањето на целите на организацијата, а задоволството и на личноста и на организацијата ќе биде големо и обострано. Не постои работник кој не би сакал да работи во организација каде постои здрава работна средина и каде се чувствува здрав, безбеден и успешен. Зголемениот квалитет е единствен начин да имаме здрави, мотивирани, задоволни и среќни работници.
EMBRA Corporation како дел од своите услуги нуди обуки и тренинзи за развивање на кариера и бизнис, кариерно советување, проценка на вештини и многу други услуги кои ќе ја направат Вашата кариера успешна. Подетални информации можете да најдете ТУКА.
Извршен директор на EMBRA Corporation
Нема коментари:
Објави коментар